Охриѓанецот Боби Мојсовски кој го освои второто место на Регионалното музичко шоу „Х-фактор–Адриа“ во сабота на 22-ри август со почеток во 21 часот ќе одржи Солистички концерт на градски плоштад во Охрид. Според најавите, концертот ќе има хуманитарен карактер, а средствата кои ќе бидат собрани со помош на волонтерите на Црвениот крст од Охрид ќе бидат донирани за лекување на Марјан Вељаноски.

Во изјава за OhridNews Боби вели дека е многу возбуден што конечно ќе настапи во родниот град и пред својата најверна публика.

-После сите обврски и настапи низ Македонија и ширум регионот одлучив да го одржам мојот прв солистички концерт баш во родниот град и да се заблагодарам за сета поддршка која ја добивам. Репертоарот се состои од неколку мои песни кои што ги претставив низ годините пред Х-Фактор, нумери кои ги изведував на Х-фактор шоуто, англиски синглови кои публиката исто така добро ги знае, како и некои добро познати екс-ју хитови. Репертоарот ги опфаќа скоро сите генерации, има песни во кои ќе уживаат од најмладо до најстаро, а при тоа да останам во оној мој стил кој јас го негувам, а тоа е поп-рокот, најавува Боби.

Тој вели дека подготовките со неговиот бенд траат веќе еден месец и дека имаат секојдневни проби. Специјален гостин на концертот на Боби ќе биде неговиот пријател Милан Букилиќ од Црна Гора.

-Озвучувањето, осветлувањето и бината се подготвени. Оваа последна недела, интензивно започнува рекламата за концертот како би се повикале граѓаните и фирмите во Охрид да помогнат и да донираат колку што можат за да спасиме живот. Во Х-фактор шоуто добив огромна поддршка, да не беше публиката немаше да завршам на второто место. Но, на овој концерт, не сум битен јас. Битен е животот на Марјан Вељаноски, за кого се одржува концертот и да бидеме хумани, да бидеме луѓе со душа и да помогнеме колку што можеме, повикува Боби.

Тој објаснува дека одлуката неговиот концерт да добие хумана димензија дошла спонтано.

-Кога ја видов рекламата за донциии што се објавуваше по медиумите за Марјан Вељаноски, дека е татко на две малолетни деца, ме поттикна да направам нешто. Секогаш треба да се стремиме да помогнеме на оние на кои помошта им е добредојдена. Секогаш треба да се поставуваме на негово место, што би рекле, во негови чевли, да видиме во каква ситуација тој се наоѓа. Размислувајќи, одлучив да се потрудам да помогнам колку што можам, на една душа на која помошта и е потребна. Баш поради тоа, програмата одлучив да биде три часа, од 21 часот до полноќ, како би се собрале што повеќе средства, вели Боби.

Во соработка со Црвениот Крст, паричните донации на концертот ќе бидат собирани преку телефонските броеви за донација како и во стаклените кутии пред бината, каде што публиката ќе може да донира износ по сопствена желба. Исто така на бината ќе биде истакната и жиро сметката на која исто така ќе може да се донираат средства.

 

Е.М