Искусниот фудбалер Боби Божиновски беше човек на одлука на средбата помеѓу Струга Трим Лум – Македонија Ѓорче Петров која заврши во корист на гостинскиот состав со 2-0. Божиновски ги постигна двата погодоци кои обезбедија голема победа за „лавовите“ на гостување во Струга.

  • Триумфот во Струга е многу значаен за нас по оние два тесни порази во првенството. Победата исто така добро ќе ни дојде затоа што Струга до сега немаше изгубено на домашен терен. Да, јас ги постигнав головите кои го одлучија победникот, но заслуга има целиот тим кој одигра на едно високо ниво. – изјави Божиновски.

Честитки за екипата упати и тренерот Александар Таневски која на најдобар можен начин најави излез од мини резултатска криза.

  • Добро знаевме што не чека и со кој противник играме. Струга во минатите натпревари покажа квалитет и желба за надигрување. Низ добар скаутинг го анализиравме нашиот противник. Момците дадоа се од себе, одиграа храбар и вистински добар натпревар. Морам да ги пофалам моите играчи затоа што колку и да анализираш сето тоа мора да се преслика на теренот. На Струга и благодарам за добри пречек, пријатниот амбиент за фудбал и за гостомприството. – истакна Таневски.

Стружани прв пат останаа без бодови на домашен терен. После две победи и две нерешни средби следуваше пораз од Македонија ЃП.

  • Одигравме крајно лош натпревар со мал дел на исклучоци. Имавме после примениот погодок некои добри моменти на игра, но не успеавме да постигнеме погодок. Погодоците кои ги примивме беа многу наивни. Не смее екипа која се натпреварува во Првата лига да дозволува да прими такви голови. На другата страна не постигнуваме голови од добри шанси и тогаш нема што да се бара.. – рече тренерот на Струга, Јетон Беќири.

OhridNews

Прва МФЛ: Прв пораз на Струга на домашен терен, Божиновски човек на одлука (видео)