Првата своја европска сезона ја одигра во турскиот Мерсин, каде имаше просек од 17,4 поени и 4,6 асистенции по натпревар, а со 2,7 украдени топки беше најдобар во оваа категорија во лигата на Турција. Минатата година направи вистинска експлозија со своите настапи за Партизан, кого го предводеше до една од најуспешните сезони во историјата, не само заради просекот од 13,4 поени, 3,4 асистенции и 2 украдени топки, туку заради борбеноста и енергијата која ја пренесуваше на играчите и ја воодушевуваше публиката низ Европа.
Маркиз Грин има 28 години и зад себе има извонредни настапи во првенствата на Франција, Турција и пред се во Италија, каде важи за еден од најдобрите разигрувачи во последнава деценија. Го носеше дресот на француските евролигаши Нанси и Роан, настапуваше за италијанските евролигаши Скаволини и Авелино, како и за турскиот и европски гигант Фенербахче Улкер.
Грин е играч кој се одликува со извонредни разигрувачки квалитети, во своите настапи во Евролига за Авелино имаше одлични 7 асистенции по натпревар, на кои придодава и 13,3 поени и одлични за бек, 4 скока по натпревар. Освен во споменатите екипи во Европа, настапувал за Бонавентура колеџот во САД, каде има просек од 21,3 поени, 8 асистенции и 3,7 скока по натпревар.
Aмериканските играчи веќе денес и утре ќе се приклучат на селекцијата и најверојатно ќе настапат на турнирот во Охрид. Грин на скопскиот аеродром ќе слета во исто време со нашата експедиција од Љубљана, додека доаѓањето на МекКејлеб се очекува во наредните 24 часа. Со оглед на правилата на ФИБА Европа, нашиот стручен штаб може да ги менува натурализираните играчи на секој настап, што дава одлични можности за комбинирање во зависност од противникот.
По пеховите кои ги имавме во подготовките, отсуствата и повредите на накеолку клучни играчи, пред се на плејмејкерската позиција, но и заради повредите на неколку други репрезентативци, согласноста за настап за Македонија на овие двајца играчи доаѓа во вистинско време пред квалификациите кои зпочнуваат на 2 Август.
Со вакви врвни засилувања шансите за пласман на ЕП во Литванија драстично се зголемуваат, а единствено останува на надлежните државни органи да и помогнат на нашата најдобра репрезентација и да се забрза процедурата за кошаркарите во најкус можен рок да добијат државјанства и патни исправи за да се регулира и нивната регистрација во ФИБА Европа.