Управата за јавни приходи му ја блокира сметката на Јавното претпријатие Охридски комуналец заради долг кон министерството за финансии во висина од 5 милиони денари.
„Охридски комуналец е единственото јавно претпријатие чија сметка е блокирана, а за разлика од останатите комунални претпријатија во Македонија има најмал долг“ изјави денеска градоначалникот Александар Петрески и потсети дека струшкото претпријатие има долг од 25 милиони денари и скопското над двесте, а немаат блокирани сметки.
„Ова е опструкција на централната власт,пред Нова година да го блокира јавното претпријатие и градот да остане неисчистен и во хаос“ рече градоначалникот и посочи дека за ова се обратил кај министерот за финансии, но одговор се уште нема.
Ставот на општинската администрација е дека оваа хајка на министерството за финансии се совпаѓа со потврдувањето на кандидатурата на Петрески за градоначалник и дека поради опструкциите не патат градоначалникот Петрески и директорот на Комуналец, Боро Павлоски, туку граѓаните на Охрид“.
Денеска беа најавени и пакет мерките за намалување на даноците и таксите со кои ќе им се помогне на граѓаните во оваа тешка економска криза.
„ Ова е единствената причина за намалување на давачките, и нема никаква политичка или маркетиншка позадина“, подвлече Петрески.
„ Свесен сум дека со ваквото кратење се намалува и општинскиот буџет, но за мене како градоначалник е важно граѓаните да имаат поквалитетен живот. Не сакаме богата општина,а сиромашни граѓани“, кажа Петрески и подвлече дека по новогодишните празници се планирааат и други пакет мерки за кои општината има законско право да ги донесува.
Ohridnews