Српскиот државјанин по кој трага македонската полиција, поради сомнение дека минатиот петок во Охрид учествувал во тепачката во која загина белграѓанинот Дејан Новаковиќ (34), бил апсен поради сомнеж дека е член на групата „Пинк пантер“, во светот позната по спектакуларните грабежи на златари, пишува српскиот весник „Блиц“, пренесува „Макфакс“.

Пред три години тој  бил уапсен во Холандија поради сомневање дека како член на оваа група на 15. април 2007-та од златарата „Граф“ во центарот на Дубаи, украл накит во вредност од 11 милиони евра.

Осомничениот српски државјанин по убиството веднаш го напуштил  Охрид и по него е распишана меѓународна потерница. На границата со Србија бил запрен маж кој личел на осомничениот,  но по проверката на неговиот идентитет властите го пуштиле, пишува весникот „Блиц“.

OhridNews
извор: „Макфакс“