Судскиот процес против Лазе Радески, обвинет за убиство на  продавачите на девизи, Раим Ракип, Спиро Ставрески и Трајче Цоцески, денеска продолжи со распит на оштетените во Основниот суд во Охрид.

Први пред судот се појавија синот и ќерката на Раим Ракип, Љале и Мехмет Бајрам Ракип. Тие  спротивно на исказот на обвинетиот, изјавија дека тој многу добро се познавал со нивниот татко. Радески, рекоа тие,   често доаѓал  до нивната куќа и го барал Раим кој му раситнувал, но исто така и му позајмувал помали износи на пари за што како што кажаа не водел евиденција. Синот на покојниот продавач на девизи, рече дека во времето на исчезнување неговиот татко кај себе имал околу 30.000 евра. Блиските на Раим Ракип рекоа дека една година биле под полициска истрага поради што имаат и  здравствени проблеми.


Обвинетиот Лазе Радески

Пред судот денеска  сведочеа и сопругата и братот на убиениот  Спиро Ставрески. Неговата сопруга, Живка Мојсоска видно вознемирена, во својот исказ рече  дека нејзиниот покоен сопруг и обвинетиот многу добро се познавале бидејќи семејството Ставрески живее во истата зграда во која се наоѓа дуќанот во кој работел Радески.  Таа рече дека Спиро на Лазе на неколку наврати му позајмувал помали износи на пари за што водел и евиденција. Таа рече дека уште веднаш се посомневала во Радески дека ги мести дилерите на девизи но не верувала дека ги убивал, туку дека соработува со некоја група. Таа своето сомневање го темелеше врз тврдење дека последните три телефонски разговори пред да исчезне нејзиниот сопруг биле од телефонот на обвинетиот.

Денеска сведочеа и  сопругата и синовите на Трајче Цоцески кој беше убиен во април оваа година. Тие кажаа дека сеуште се во шок и  дека по немилиот настан сериозно е нарушено здравјето на целото семејство. Семејството на Трајче сведочеше дека Трајче бил мирен и добар човек и не должел никому, не бил агресивен и не носел никакво оружје или спреј за заштита. Критичниот ден кога исчезнал, Трајче Цоцески,  кај себе имал 130.000 денари во разни валути, од кои 1000  долари требало да му продаде на лице чие име не го кажал. Според блиските Трајче бил силен и здрав маж и не можел лесно да се совлада ако бил директно нападнат.

Судскиот процес против обвинетиот за тројно убиство,  Лазе Радески, продолжува со распит на сведоци.

Г. Момироски