Авторот на наградениот расказ на анонимниот конкурс за расказ за наградата „Живко Чинго“, што традиционално ја доделува Општина Охрид, е Блаже Миневски, познат новинар, раскажувач, романсиер и драматург, кој има издадено дваесетина публикации и е добитник на бројни награди и признанија.
Расказот што беше испраетен под шифра „Чадор“ според комисијата за доделување на наградата „Живко Чинго“ за најдобар расказ, во состав проф. д-р Димитар Пандев, проф. д-р Наташа Аврамоска и писателот Славе Ѓорго Димоски, се издвојува со извонредната наративна изведба со која виртуозно поигрува со парадигмите на надреалистичното искуство, при што ја актуелизира почвата на Македонија како крстосница на луѓе, времиња и народи.
Наградата во износ од 30.000,оо денари, на добитникот ќе му биде врачена на манифестацијата „ Вечер на Живко Чинго“ што ќе се одржи на 13 август пред споменикот на Чинго во атарот на црквата „ Света Петка“ во селото Велгошти.
Блаже МИНЕВСКИ
В о р о г о т н а в о л о т
Сега не можам да се сетам дали тоа што го видов и тоа што го
слушнав верно го видов и верно го слушнав, но можам да се сетам
дека слушав како да сум таму и гледав како да е ден. А беше
всушност ноќ кога го сретнавме Хафиз бег, во бела облека. Го
отворил чадорот, бел како снег, и шета по брегот. Сакав да го фатам
под рака, да го земам со нас, но одби, не прифати. Замолив барем да
го затвори чадорот, не врне, ноќ е, нема сонце, а тој ме погледна
зачуден од тоа што го кажав: „Го отворив поради месечината, ефенди,
не сакам никаква светлина! А, еве, за несреќа, човек ни ноќе нема
мира од неа. Мора да се заштитам од светлината“, рече пикајќи се под
сенката, а потоа само кимна со главата, го поткрена чадорот за да ги
покрие кондурите од Италија, да не му ги раси месечината со бела
прашина, и замина. „Сите пари што ги има ги дава по анови; јадат и
пијат со него, му прават друштво, гледаат циркус. Пред неколку дена
скокнал со чадорот од кулата и останал жив, а лани го јавал чадорот
како коњ, и никој не можел да го стигне“, рече Тасим беј свртувајќи
заедно со Куропаткин, трговец со ракописи, кон Султан-Муратовата
џамија. Патем Куропаткин, кој заедно со Тасим беј следниот ден
заминуваше од градот, се обѕрна неколкупати за да види што се
случува со Хафиз бег. Мислам дека сé уште не можеше да поверува
дека бегот се крие од месечина:„Што може да му направи месечината?
Не може да го изгори, не може да го стопи, – помисли, – може само да
му свети како кандилце дури бара пат за дома“, си рече пред да влезе
во сенката на Виргино брдо. Свртувајќи зад кулата можеа да видат
како месечината се топи врз кровот на џамијата, капејќи врз
турбињата на Бикиј Хан и на Али-паша од Дагестан. И јас можев да го
видам сето тоа ѕиркајќи низ дупките на времето. Ветрот што зашумоли
низ липите се провре меѓу турбињата, сврти околу џамијата и
повторно се врати во тремот.
Според Куропаткин, кој двапати годишно за ситни пари купува
стари книги по селата, скриптарницата на Виргинскиот манастир била
токму каде што сега се турбињата во дворот. Кога манастирот станал
џамија, замрела дејноста на овој центар на христијанството. А во
него, поточно во скрипториумот, порано, стигнувале со товари книги
за препишување. И грамотата на основачот, цар Роман Трети – Аргир,
но и грамотата на Алексеј Комнин, кој го обновил манастирот, биле
напишани тука, на Виргино Брдо. По уривањето на манастирот, по
градењето на џамијата на негово место, во дворот била изградена
Саат-кула со златни часовници на сите четири страни. Каква судбина
ги снашла ракописите од библиотеката не се знае, но мора да била
слична со онаа што ја доживеал манастирот. Не останало ништо; сé
било разнесено и уништено: „Освен пергаментот што го купив од
Тасим беј, иако тој не се сеќава дека го продал“, помисли Куропаткин
стискајќи го свитокот во пазувата, во скришниот џеб на палтото. Го
замислуваше многубројното братство на Виргинскиот манастир во
скрипториумот, а меѓу нив и дијак Дабижа, автор на Виргинската
грамота, оваа грамота, помисли трговецот стегајќи го пергаментот под
мишката. Дабижа бил дворски писател, но бидејќи е потпишан како
дијак, сигурно служел во манастирското братство, и пишувал што ќе
стигне: „Во Виргинскиот манастир, а токму врз него во 1436 година е
изградена Султан-Муратовата џамија, работеле најугледните и
најпочитувани книжевници во Европа“, си рече Куропаткин спуштајќи
се заедно со Тасим беј по патчето зад џамијата. Гледајќи во
месечината што се качуваше кон тврдината, трговецот како да слушна
некаков глас: „Тој што ќе го прочита овој свиток и ќе дава друг да го
препиши или да го пее, тој макар имал гревови колку песок крај
морето, ели колку лисје во гората, ели колку ѕвезди на небото, сите
греој ќе му бидат простени во царството небеско и ќе му биде чест
што е човек во вечни времиња, амин.“ Следниот миг полите од
палтото му се кренаа како крилја и тој одвај успеа да се задржи на
земјата. Ситниот Тасим беј јаздеше пред него сé уште со мислите кај
Хафиз бег, држејќи се со двете раце, палецот и показалецот за
крилцата на една ноќна пеперутка. Сега не можам да се сетам дали
тоа што го видов и тоа што го слушнав вистински го видов и
вистински го слушнав, но можам да се сетам дека слушав како да сум
таму и гледав како да е ден. Сопрев токму кога двајцата влегуваа во
своите гробови зад џамијата. Едниот во оној со нишан од светулки, а
другиот во оној со крст од ѕвезди. Кога Хафиз бег со своите
италијански чевли стигна во џамијата, веќе беше доцна за разговор,
месечината ги имаше израмнето сите длапки на времето. Се вртеше со
чадорот како да лебди, а месечината капеше од врвот на иглите како
сребро. Слушнав кога рече во рог од вол да се скриеш, пак ќе те
најдам, и скокнав, се разбудив, а веќе беше зајдисонце, иако залезот
сé уште боцкаше како да жигосува, како да бележи дека сум јас тој со
стапалата подадени од креветот. Сфатив дека сум го преспал денот
како пијан петел.
Како и да е, половина час подоцна, веќе бев во Центарот за
дигитализација. Колегите од библиотеката „Сулејманија“, кои работеа
со ракописите и фрагментите во наш посед, вкупно околу
деветстотини илјади страници, беа наведнати над скенерите, бркајќи
ги мувите со издишување. Пред нив лежеа дебели ракописни книги со
дрвени корици обложени со ѓаволска кожа. Седнав, ги повлеков
панталоните за да не ми се прават жлебови на колената и, со тивок
клик, ги избршав Тасим беј, Хафиз бег и Куропаткин од молитвата на
ангелот. Остана само вардиме од секакво зло за да не го налутам на
некој грев господа, да ме крепит на страот негов, и достоен измеќар
да ми кажи од негова арнотија, како што пишуваше во книгата, а
потоа додадов починете раце од работа, очи од солзи и ум од мисли, и
се заколнав дека никогаш нема да додавам ништо од мене, ќе го
препишувам само она што е напишано во ракописите. Станав, ги
спуштив ногавиците, ги израмнив на колената и, тогаш, додека се
спремав да заминам од библиотеката, Хафиз бег со чадорот прелета
крај прозорецот и се спушти на турбето на Али-паша од Дагестан.
Ветрот го црпна од покривот, го сврти неколкупати, го крена малку
повисоко и го завлече негде над облаците. Потоа само јас знаев дека
она што свети на небото не е ништо друго туку неговиот бел чадор
свртен наопаку; знаев дека Хафиз бег е одзади, во мракот, и ужива во
темнината.
OhridNews