Првиот човек на Светската фудбалска федерација – ФИФА, Јозеф Сеп Блатер, ја пофали борбата на Англија против хулиганите, и рече дека слични безбедносни мерки можеле да го спречат насилството на стадионот во Џенова, на квалификацискиот натпревар Италија-Србија.


„Му покажавте на светот како треба да изгледа безбедноста на стадионите. На вашите стадиони нема заштитна ограда, а публиката седи на своите места. Да беше така во Џенова немаше да има никаков проблем на натпреварот Италија-Србија“, изјави Блатер во Лондон, по состанокот со премиерот Дејвид Камерун.

Премиерот на Англија на состанокот го информираше Блатер за англиската кандидатура за добивање на организацијата на СП во 2018 година.

„Би сакал и другите земји да имаат вакви стадиони, тогаш во фудбалот би имало многу повеќе фер-плеј. Кај вас на стадионите повеќе нема хулигани и тоа е голем комплимент за вашата влада и вашите претходници“, додаде Блатер.

Првиот човек на ФИФА ја опиша Англија како „мајка на фудбалот“. Англија ја истакна својата кандидатура за добивање на организацијата на Мундијалот во 2018 година. Противкандидати на Англија ќе и бидат Русија и САД, а заеднички кандидатури поднесоа Холандија и Белгија и Португалија и Шпанија.

Конечната одлука каде ќе бидат одржани СП во фудбал во 2018 и 2022 година, ФИФА ќе ја соопшти на 2 декември.

“извор Макфакс“
Ohridnews