Охридските ракометари со победа над Металург 2 (34-22) ставија точка на натпреварите во 2017 година. „Гладијаторите“ со вториот триумф во три дена го зацврстија местото во горниот дел од суперлигашката табела.

– Годината сигурно можам да ја окарактеризирам повеќе од успешна, бидејќи имавме настап во Купот на ЕХФ, каде поминавме една рунда, бевме дел од завршниот турнир во Купот на Македонија и повторно учествуваме во плејофот. Есенската полусезона во Супер лигата исто така можам да речам дека е успешна, бидејќи целта со пласманот во плејофот е исполнета. Без разлика на кое место од првите четири ќе завршиме ние ќе бидиме дел од елитата која ќе разигрува за титулата. Освен оној пораз од Пролет, друго мислам дека беше во рамките на очекуваното. Во Битола од Пелистер изгубивме за еден гол, додека дербито со Еурофарм Работник во Охрид дојде во незгодно време за нас и загубивме. – изјави Благојче Трајкоски.

Охридскиот состав ќе претрпи одредени измени во ростерот во зимскиот преоден рок. Од клубот веќе си замина Дервиш Бирдахиќ, а на таков пат се наоѓа и Лазар Адамовиќ кој има отворена понуда од далечниот исток. Еден вид на засилување за охриѓани ќе биде Марко Кобетиќ кој во есенската полусезона не запиша ниту еден настап после повредата на коленото.

OhridNews