„Единицата“ на голот од Ракометниот клуб Охрид, Благојче Трајкоски се закити со признание за најдобар голман во регуларниот дел од Супер лигата.

Трајкоски своите конкуренти во изборот на специјализираниот сајт за ракомет „24ракомет“ ги победи со голема доверба од тренерите, играчите и читателите од кои доби по максимални пет поени.

Повремениот македонски репрезентативец стандарно добро го чуваше голот на РК Охрид во суперлигашките натпревари и еден од најзаслужните што „гладијаторите“ трета сезона по ред се дел од ракометната елита.

Во изборот за најдобрите учествуваа и останатите ракометари на Охрид, а најблиску до идеалниот тим беше Бобан Блажески кој заврши на втората позиција во изборот за најдобро десно крило.

Тимот на сезоната во Супер лигата:

Голман: Благојче Трајкоски (Охрид)

Десно крило: Реваз Чантурија (Пелистер)

Десен бек: Мартин Серафимов (Металург 2)

Среден бек: Ласко Андоновски (Пролет)

Лев бек: Теимураз Орјоникидзе (Пелистер)

Лево крило: Гоце Ојлески (Еурофарм Работник)

Пивот: Васко Димитровски (Пелистер)