Ракометниот клуб Охрид утре (среда) со почеток во 19 часот и 30 минути во „Билјанини Извори“ ќе го пречека тимот на Еурофарм Работник во дербито од 11-та рунда во Супер лигата.
„Гладијаторите“ во дерби пресметката влегуваат со три бодови повеќе од „фармацевтите“ кои пак, имаа успешен дебитански настап во Челинџ Купот елиминирајќи го литванскиот состав Гранитас Каунас.
– Овој дерби натпревар за нас доаѓа во лош период. Нашиот противник доаѓа со успешно европско деби и ветар во грб, додека ние моментално иако победуваме не играме на потребно ниво кое што се очекува од нас. Турбелетниот период во клубот ја наруши малку атмосферата, меѓутоа на утрешниот натпревар треба се` да заборавиме и да одиграме како што знаеме и умееме. Охрид како екипа години наназад го красеше гранитна одбрана, но последниве неколку натпревари не играме така, а сметам дека одбрана ќе го реши дербито. – изјави Благојче Трајкоски.
Претседателот на клубот, Љупчо Танески ги повика охриѓани да го поддржат клубот и да ги бодрат играчите, кои се на добар пат одново во Охрид да ги донесат нашите преставници во Лигата на Шампиони, Вардар и Металург.
Да биде дуелот во Охрид вистинско дерби ќе се погрижат нашите најдобри арбитри Славе Николов и Ѓорѓи Начески кои ја добија довербата од РФМ да го судат натпреварот.
OhridNews