На свеченост што се одржа по повод одбележувањеро на празникот 11 Октомври, Општина Охрид денеска симболично им се заблагодари на сите поединци, клубови и здруженија за покажаната хуманост и пожртвуваност за време на бродската несреќа што се случи на 5-ти септември во водите на Охридското Езеро.


Од име на општината градоначалникот Александар Петрески јавно им се заблагодари на: Петар Василев, Зоран Гилески, Васко Јанески, Димитар Пероски, Душко Руфчески, Марика Гаврилоска, Слободан Гаврилоски, Мартин Бошковски, Рубин Данески, како и на Клубот за подводни активности и нуркачкиот клуб „Амфора“ и Здружението на граѓани „5 септември“, додека благодарници со златен приврзок со ликот на Св. Климент добија Васко Маркоски, Драган Наумоски, Ненад Јеремиќ, Ќемал Бајрам и Гордана Руфческа.


Дополнително Општината Охрид благодарници со златен приврзок ќе им додели и на  Жаклина Спасиќ и Гордана Димитровиќ, двете лекарки од Белград, кои како патници на бродовите што први пристигнаа на местото на несреќата несебично помогнаа во спасување на преживеаните од  потонатиот брод „Илинден“.


 – Во име на граѓаните на Охрид им се заблагодарувам на сите спасувачи кои со нивната присебност и пожртвуваност успеаа да спасат 43 патници од бродот „Илинден“ и да спречат поголема трагедија, бидејќи малкумина од давениците беа пливачи,  истакна градоначалникот на Охрид Александар Петрески. Тој најави дека по завршување на судскиот процес против капетанот Сотир Филески,  општината ќе додели благодарници и на посадата на бродот Илинден за придонес во спасувањето на преживеаните.


Владо Устијаноски, кој кобното утро беше во посадата на бродот Илинден со емоции зборуваше за големата несреќа. „Не му посакувам на никого такво искуство. Тоа беа тешки моменти кои ќе останат во трајни сеќавања кај мене и кај капетаните Филески и Василев, но со божја сила успеавме да спасиме многу животи, рече Устијаноски. Загубени се 15 животи но четириесетина спасивме и тоа е најдоброто нешто што се издвојува од оваа тешка несреќа, рече Устијаноски. Тој изрази очекување дека во посебна прилика општината ќе им се заблагодари нему и на капетанот Филески, иако као што рече, очекувал да биде соопштен датумот и времето кога тоа ќе се случи.


Искусниот капетан Василев кој со бродот „Александрија“ прв пристигна на местото на несреќата, се заблагодари на признанието, кое како што рече, посакувал никогаш да не го прими. „Подобро ќе беше да не се случеше оваа трагедија и да не ги добиевме овие благодарници“, рече Василев.


На церемонијата во име на премиерот на Република Македонија, присуствуваше Андреј Лепавцов, кој истакна дека Владата максимално ќе се вклучи во сите активности поврзани околу надминувањето на последиците од несреќата. Општинските и државните претставници на средба со членовите на здружението „5ти Септември“ разговараа околу  активностите за одбележување на 40-дневниот помен на загинатите во бродската несреќа.

Г. Момироски