Бројот на новозаболени од Ковид-19 во државата е во благо опаѓање. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 62 случаја, од 2.557 тестирања. Во меѓувреме, продолжува процесот на имунизацијата. Почна вакцинација и на пациентите со дијализа и трансплантација, а надлежните порачуваат дека најлесен начин за вакцинирање е преку пријавување на веб-страницата „www.vakcinacija.mk“.

Надлежните информираат дека термини за вакцинација добиле сите граѓани над 40-годишна возраст од Скопје, кои до 30 април изразиле желба за вакцинирање преку веб-страницата на Министерството за здравство.

Следните денови термини за вакцинирање ќе добијат граѓаните над 40-годишна возраст, кои до крајот на април изразиле желба за вакцинирање преку оваа веб-страница.

Почна и вакцинација на пациентите кои се на дијализа, како и пациентите со трансплантација.

Со 100.000 вакцини од кинески „Синофарм“, кои пред два дена пристигнаа во земјава како донација од кинеската Армија, се очекува имунизација на населението да оди согласно предвидената динамика.

Надлежните посочуваат дека до крајот на следната недела се очекува да се вакцинираат дополнително пријавените 8.000 постари граѓани кои ќе имаат приоритет пред помладите.

Инаку, според извештајот на Министерството за здравство, во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 62 случаја на заболени од Ковид-19. Починаа 14 лица, а оздравени се 245 пациенти.

Во моментов во Охрид има 203 активни случаи, а во Струга 77.

OhridNews