Лидерот на Одделот за електроника во технолошки високо развиената фабрика за производство на делови за автомобилската индустрија „Костал Македонија“ во Охрид, Благојче Аврамоски, е избран за работник на  годината во компанијата за 2020 година, откри специјализираната емисија „Најдобриот работник“ што денеска премиерно беше прикажана на Телевизија 24.

Во „Костал“ има многу позитивни примери, а еден таков несомнено е Благојче кој е во компанијата од самиот почеток во 2016 година. Од оператор на електроника со работа и кариерна прогресија за 4 години тој стана лидер на Одделот за електроника. – истакна извршниот директор на „Костал Македонија“ Виктор Мизо.

Аврамоски вели дека успехот го постигнал со многу труд и работа, пoсочувајќи ја посветеноста на сите вработени и раководните структури во компанијата, на што се должи целокупниот успех на „Костал“ кој е евидентен, дотолку повеќе што оваа странска инвестиција е една од најбрзорастечките во земјата.

Ми беше дадена прилика да напредувам. Најпрвин бев промовиран во сменски раководител, за по една година да ми биде понудена позиција погоре за раководител на оддел. – рече најдобриот работник на „Костал“ Благојче Аврамоски.

Во моментов „Костал“ вработува 840 лица, а тој број во 2021 треба да се зголеми на 1100. Селекцијата на новите кадри се врши внимателно и континуирано, а сите работници имаат можност за напредок и градење кариера, истакнуваат од компанијата. Најважна е тимската работа низ која индивидуално секој може да напредува во кариерата, истакнуваат од охридски „Костал“.

OhridNews