Владата во наредните 4 години да се фокусира на економијата, институционалните реформи, соодветна и ефикасна распределба на буџетот, борба против корупцијата и сивата економија, како и на задржување на младите во земјата и ефикасни мерки за надминување на последиците од корона кризата. Ова од новата влада го побараа претставниците на Стопанската комора, МАСИТ и Комората на северозападна Македонија на средбата со премиерот Заев и дел од неговиот тим, што се одржа денеска.
Премиерот на бизнисот му вети стабилен политички период без предвремени парламентарни избори четири години, со цел домашната економија да може да планира динамичен раст и развој, идни инвестициони и нови економски активности на бизнис секторот.
Следува стабилна даночна политика, даноците остануваат стабилни во државата, но при евентуална промена на некоја од даноците, а пред сè мислам на намалувањето на даноците, секогаш на било која промена во иднина ќе имаме период на дискусија, дебата и разговори и период за подготовка на македонската економија. – рече Заев.
Првиот предизвик на новата влада е КОВИД-19, истакна премиерот Заев. Досега имплементиравме значајни пакети на мерки за поддршка на економијата. Следуваат и нови пакети на мерки кои ќе ги имплементираме во овој есенски-зимски период, кои ќе бидат димензионирани заедничко со коморите за да ги максимизираме сите ефекти, додаде тој.
Заев најави реформи во правосудниот систем и продолжување на процесот на децентрализација уште на почетокот од 2021 година.
Премиерот истакна дека владата тесно ќе соработува со коморите и бизнис заедницата во делот на економските политики со цел да се креира амбиент поволен за развој на стопанството.
OhridNews
Фото: Влада