Бизнисот бара повлекување и запирање на Предлог-законот за данок на солидарност, соопшти денеска Стопанската комора. Според Клуб 100, како најрепрезентативно тело на раководење во Комората, „јасна е намерата на Владата дека овој закон сака да го протне со европско знаме, а тоа ќе нанесе поголема штета, одошто добро“.

Клуб 100, како најрепрезентативно тело на раководење во Стопанската комора, ја повикува Владата да го повлече Предлог-законот за данок на солидарност и со тоа да покаже сериозен однос кон укажувањето на најголемата и најбројна бизнис асоцијација во државата. Исто така, сакаме да напоменеме дека е јасна намерата на Владата дека овој закон сака да го протне со европско знаме, кој ќе нанесе поголема штета него добро, наведува Комората.

Според Комората, ваков данок, што се носи ад-хок, во втората половина на деловната година, создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори.

Стопанската комора уште еднаш ги афирмира своите забелешки во однос на предложениот закон.

Укажуваме на селективен пристап зашто се опфатени само поголемите компании кои остваруваат приход поголем од 615 000 000 денари, се врши оданочување на добивката што ја оствариле компаниите, независно дали е таа резултат на пазарните услови (остварена екстра добивка поради движења на пазарите на енергенси или други причини кои довеле до конјуктурни поместувања на пазарот) или е резултат на нивното работење, односно резултат на зголемени инвестиции, подобрена продуктивност, освојување на нови пазари,…., дестимулирање на успешните компании кои се инвестициски ориентирани, односно во неповолна положба се доведуваат компании кои инвестирале во претходните години, ефектот што се очекува од примената на законот во смисла на обезбедување дополнителни средства во државниот буџетот, може да изостане за делот на добивката на компаниите кои се корисници на државна помош, од причина што ќе се намали нивниот индивидуален износ на доделена државна помош, и по тој основ нема да се зголемат приходите во буџетот, потенцира Комората.

Воедно потсетува и дека изминатиот период во континуитет укажувала дека носењето вакво законско решение за измината фискална година (конкретно за 2022 година), создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори, особено ако се има предвид дека правната сигурност е еден од врвните приоритети за кои се залага како застапувач на интересите на бизнис заедницата во земјата.

OhridNews