Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани со раководителите на осумте Центри за развој на планските региони потпиша договори за формирање бизнис центри во три, како и продолжување на функциите на постојните, во пет плански региони.

До крајот на годината во сите осум плански региони ќе функционираат Бизнис центри за поддршка на приватниот сектор, пред се на малите и средни претпријатија, рече на состанокот министерот за локална самоуправа Лирим Шабани.

Тој им се заблагодари на раководителите за соработката на овој успешен проект и побара уште поголема посветеност во спроведувањето на нивните функции.

Бизнис центрите врз основа на Програми за поддршка на приватниот сектор, ќе понудат е-водичи за инвеститори, мапи на индустриски зони во планските региони, интерактивни веб портали на кои што ќе можат да се најдат сите важни информации за потенцијалите на планските региони, можностите за инвестирање, условите што ги нудат индустриските зони, сите субјекти кои што можат да им бидат логистика на инвеститорите како и потенцијални партнери како што се стопанските комори, универзитетите и граѓанскиот сектор.

Бизнис центрите ќе функционираат во рамките на Центрите за развој на планските региони, а се воспоставуваат како резултат на потребата од институционална поддршка на потенцијалните инвеститори во рамките на секој плански регион, информира Министерството за локална самоуправа.

OhridNews