Не стивнуваат реакциите околу најавеното прогресивно одданочување што треба да стартува од јануари 2019.

Според најавите, со почеток на новата календарска година, за бруто плата во висина до 90.000 денари, ќе се применува даночна стапкаод 10%, повисоките плати од 90.000 денари ќе се оданочуваат со 18%. Придонесите за пензиско осигурување ќе се зголемат од 18% на 18,4% во 2019 и на 18,8% во 2020. Исто така, придонесот за здравствено осигурување ќе се зголемува постепено, од 7,3% на 7,4% во 2019 и 7,5% во 2020 година, со што автоматски ќе се зголемат трошоците за работна сила за работодавците.

  • Покачувањето на придонесите не гарантира подобрување на системот. Првично е многу поважно да се направи реформа во здравствениот систем, која ќе подразбира транспарентност во работењето, а во фокус ќе бидат ставени пациентите. Делегацијата на германското стопанство во Македонија, не го поддржува зголемувањето на данокот на личен доход. Воедно сакаме да ја искажеме нашата критика за не вклучувањето на приватниот сектор во дијалог за новиот закон. Македонија како  дестинација за странските инвеститори, воглавно е конкурентна со предвидливоста, долгорочното планирање, правната сигурност.  Со новиот закон се одалечуваме од фиксна стапка на рамниот данок, а со тоа не само што се зголемуваат  трошоците за компаниите, туку првично се создава несигурност кај стопанствениците, вели Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Македонија.

Според Мартенс, прогресивното оданочување ќе придонесе кон зголемување на даночното затајување и сивата економија. Мартенс додава дека за една земја не е добро постојано да ја менува даночната политика и дека досегашниот рамен данок се докажал како значаен фактор за атрактивноста на Македонија како дестинација за странските инвеститори, поради што голем број на германски компании инвестирале во Македонија.

И претставниците на бизнис секторот од Македонија потенцираат дека новата даночна политика ќе иницира низа проблеми во работењето на фирмите.

  • Реформите ќе го отежнат работењето на фирмите, затоа што носат дополнителни обврски. Ние како систем на комори излеговме со став и барање-даночната реформа да се одложи за пет години, пред се поради последниот неколку годишен период во кој фирмите имаа доста проблеми во работењето, изјави Љубомир Димоски, директор на „Епицентар“.

Измените на доночната политика ќе предизвикаат големи тешкотии и во однос на охридскиот туризам, велат од Факултетот за туризам и угостителство.

  • Промената на даночната сфера лошо ќе влијае врз туризмот и кај хотелиерите, особено кај приватното сместување затоа што за закупот се менува даночната стапка за 50%, а се намалува делот на прифатените трошоци од 30% на помал износ. Тоа ќе биде удар за приватните станоиздавачи кои се во голем обем, посебно во југозападниот плански регион. Владата треба добро да размисли за мерките кои сака да ги воведе, вели деканот на ФТУ, Цветко Андреески.

Од друга страна, според министерот за финансии, Драган Тевдовски, новините во даночната политика ќе овозможат фер даночен систем за социјална сигурност наместо социјална нееднаквост во Македонија.

OhridNews