По неколкумесечните преговори и напори на двете страни ракометна Битола да добие клуб каков што заслужува, раководствата на Еурофарм Работник и РК Пелистер утрово постигнаа договор и градот на конзулите го доби Еурофарм Пелистер.

Првите лица на „фармацевтите“ на едната страна и Општина Битола на другата, ставија потпис на долгоочекуваното спојување на двата клуба од кое се очекува да го врати сјајот на најракометниот град во Македонија.

Со овој договор Битола останува со два ракометни клуба. Првиот кој ќе се натпреварува во СЕХА лигата и европските натпреварување ќе го носи името Еурофарм Пелистер, додека вториот кој игра во Суперлигата ќе се вика Еурофарм Пелистер 2.

Договорените страни го открија и буџетот кој се планира да се користи на годишно ниво. Тој ќе изнесува најмалку 60 милиони денари, или во превод најмалку еден милион евра.

Со договорот, Општина Битола се обврза да издвојува 15 милиони денари во наредните пет сезони, почнувајќи од сезоната 2019/20. Еурофарм Работник, пак, преку своите спонзори/донатори ќе го обезбедува преостанатиот дел од буџетната сума. Добивката на крајот од сезоната ќе се дели според сопственоста на акциите.

OhridNews
Извор: Гол.мк