Виртуелните валути, како биткоинот, се вистински Див запад кога станува збор за пазарите на финансиските производи, предупредува американското биро за финансиска заштита на потрошувачите, издвојувајќи го особено ризикот за големите осцилации на курсовите, пренесува „Макфакс“.

„Виртуелните валути не ги поддржуваат ниту владите, ниту централните банки па потрошувачите со влегувањето на тој пазар ќе наидат на Див запад“, истакна неодамна директорот на CFPB, Ричард Кордреј.

Во советникот за потрошувачите кој кон средината на август го издаде американското биро за финансиска заштита на потрошувачите се потсетува дека биткоинот годинава во еден ден загуби 80 отсто од вредноста во однос на американскиот долар, изложувајќи ги инвеститорите на огромни потенцијални загуби.

Другите ризици го вклучуваат фактот дека интернетските односно виртуелните валути често се цел на хакерите, а нивните оператори досега пружаа многу скромна помош доколку се случат загуби односно кражби, предупредуваат американските реулатори.

Најпознатата виртуелна валута биткоинот влезе во оптек во 2009 година а неодамна се најде под лупа на регулаторите откако берзанскиот оператор „Mt. Gox“  чиешто седиште е во Токио, побара заштита од доверителите поради загубите на биткоинот проценети на противредност од 650 милиони американски долари.

За разлика од конвенционалните пари, биткионот е креиран на компјутер и не го контролира ниту го поддржува ниту една влада. Тоа им се допаѓа на заговорниците за неговата употреба, но во меѓувреме зачестија барањата за засилен надзор и насоки по прашањата како што е даночниот третман во САД.

OhridNews
извор:„Макфакс“