Состојбата со пожарот на планината Галичица кој беснее веќе две седмици во моментов е стабилна, информираат од Националниот парк.

Пожарот е стабилен на северната и источната страна од планината, како и на западната која се уште се смета за најкритична. Пределот кај Војтино е обезбеден со луѓе на терен а внимателно се следи состојбата кај Зли дол каде е непристапен теренот, а надлежните служби се во постојана комуникација и со воздухопловните сили, велат одговорните во паркот.

Пожарот има зафатено голема површина од двете страни на границата, главно нискостеблеста вегетација,  смрека и дел  букова шума. Штетите по животната средина се огромни, а уништени или загрозени се природните живеалишта на бројни видови флора и фауна, од кои дел се ендемски видови.

Во гаснењето на пожарот на Галичица што беснее две седмици вклучени се стотина лица, вработени во НП Галичица, ТППЕ Охрид, ТППЕ Ресен, Планинарска спасителна служба при Црвен крст Охрид, Планинарски клуб Патагонија, ДЗС Охрид, Ресен и Неготино, резерват Езерани и доброволци од Охрид и Ресен, кои прават  натчовечки нанапор со помош од воздух да воспостават контрола врз огнот кој го пустоши националниот парк.

 

Г.М.