Во 2012 година, стеблото на стариот Чинар на истоимениот плоштад во Охрид беше завиткано со шиндра и пурпена, како дел од напорите за заштита на илјадагодишното дрво, кое и тогаш и сега се наоѓа во многу лоша состојба. Но, овој зафат не само што не му помогна на Чинарот, туку, според стручњаците, дополнително ја влоши состојбата на дрвото за кое до неодамна се грижеше Министерството за животна средина.

По долгогодишна битка и многу процедури, охридскиот Чинар минатата година беше препрогласен за природна реткост, по што грижата за него ја презеде општината. Во рамки на  Програмата за заштита на животната средина и природата за 2020 година, градот обезбеди средства за санација и ревитализација на чинарот на плоштадот „Чинар“, која според најавите треба да започне наскоро.

Чинарот очигледно е во многу лоша состојба. Стеблото се држи само на кората, меѓутоа од друга страна крошната е витална и се надеваме дека со санацијата и ревитализацијата на Чинарот ќе му го продолжиме животниот век уште многу години и ќе биде украс и симбол на Охрид и понатаму. – велат дека од Одделението за заштита на животната средина при Општина Охрид.

Согласно изготвената техничка и друга потребна документација, Општина Охрид распиша тендер за санација и ревитализација на чинарот. Тој е завршен, избран е стручен изведувач со кој е склучен договор и по завршување на вегетацискиот период на дрвото ќе отпочне санацијата и ревитализација на Чинарот, што во голема мера ќе зависи и од временските услови, посочуваат од Одделението за заштита на животната средина при Општина Охрид.

Легендата вели дека илјадагодишниот Чинар го засадил Св. Климент, заштитникот на Охрид. Многувековното дрво има големо значење за охриѓани кои тука во минатото закажувале средби, изнајмувале работна сила, а во еден период неговата внатрешност била користена и како летна тераса на некоја од околните кафеани.

Според најавите, плоштадот кај Чинарот ќе биде целосно реконструиран, што заедно со ревитализацијата на дрвото кое е еден од најпрепознатливите симболи на градот, ќе придонесе за зачувување на оваа вредна природна реткост и целокупниот амбиент во овој дел од градот.

Г.М.