Нашата крајна цел е да создадеме безбедна и предвидлива бизнис околина за инвеститорите, како за домашните компании, така и за странските инвеститори и да ја подигнеме конкурентноста, да бидеме подготвени за влезот во ЕУ, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, зборувајќи на панелот „Трасирање на патот за раст и развој во пост-ковид периодот“, на Самитот за Западен Балкан на „Економист“, што се одржува денеска во Скопје.
Изминатите две години, посочи Битиќи, донесоа многу предизвици за сите земји во светот и дека сите тие предизвици и активностите преземни за да се надминат, треба да се гледаат и низ позитивна призма, затоа што општеството мораше брзо да се прилагодува и да се носат брзи и правилни одлуки со кои ќе се намалат негативните ефекти од кризата и ќе се овозможат услови за брзо опоравување и економски раст во пост-ковид периодот.
Со оваа криза се докажа дека синџирите на снабдување, со набавки од далечни земји не се одржливи, и токму тука ја гледаме нашата заедничка шанса. Потребно е, ние земјите од Западен Балкан, да се фокусираме кон подигнување на регионалната конкурентност, наместо да ја заоструваме меѓусебната конкуренција и на тој начин да создадеме еден заеднички пазар, што ќе ја компензира и зајакне додадената вредност во близина на синџирите на снабдување, посочи Битиќи.
Битиќи, ги покани и поттикна компаниите од ЕУ, кои во изминатиот период имаа проблеми со синџирите за снабдување, да размислат за инвестиции во нашата земја или во некоја од другите земји од Западен Балкан и да ги искористат придобивките од близината на нашиот регион до ЕУ, како и другите придобивки за реализација на нови инвестиции кои насат додадена вредност.
Секоја компанија што се соочува со проблеми во синџирот на снабдување во моментов и размислува за „near shoring“, треба да размисли за инвестирањето во Северна Македонија. И не само во нашата земја, да се размисли за инвестирање и во други земји од регионот, затоа што можеби сме мали одделно, ама како регион, во целина, заедно создаваме пазар кој е силен и конкурентен. Нашата крајна цел е да создадеме безбедна и предвидлива бизнис околина за инвеститорите, како за домашните компании, така и за странските инвеститори и да ја подигнеме конкурентноста, да бидеме подготвени за влезот во ЕУ, потенцираше Битиќи.
Тој, исто така, нагласи дека во моментов се спроведува најважниот стратешки процес, а тоа е креирање на долгорочната Национална стратегија за развој 2021 – 2041 година.
Работиме на овој стратешки документ за долгорочно планирање, во изминатите девет месеци и има уште работа. Но, по 30 години, ова е многу потребна визија за тоа каде и како ние како земја треба да одиме напред во иднина. Развојот на Националната стратегија е отворен и инклузивен процес, дава перспектива од поширокиот контекст на нашата земја и ќе ни даде сосема јасна слика за тоа каде сме сега, каде треба да одиме и кој е најдобриот начин да стигнеме таму, рече Битиќи.
OhridNews