Со 1,6 милиони долари досега се изготвени 58 квалитетни технички документации за проекти во 47 општини и два регионални центра. Сите овие проекти се подготвени за реализација, а за нивно финансирање ќе бидат потребни 126 милиони долари, рече денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на „Тркалезната маса за финансирање инфраструктурни инвестиции за одржлив локален развој и економско закрепнување“.

Проектите, напомена Битиќи, ќе придонесат за подобар живот на граѓаните, а додадена вредност е што се зајакуваат капацитетите на локалните самоуправи.

Идејата за проектот потекна од централанта власт која препозна недостиг на квалитетни технички документации на локално ниво. Мора да се посветиме на проекти за реалните потреби на граѓаните и тука нема компромис. Ваквиот тип структурна поддршка со која е подготвувана квалитетна техничка документација, се надевам дека ќе мобилизира повеќе инвестиции, нагласи вицепремиерот.

Битиќи најави и дека прв пат ќе се формира централна единица за мониторинг и спроведување капитални проекти која ќе гарантира нивно ефикасно спроведување.

Во однос на финансирањето на општините, Битиќи напомена дека се направени и системски измени, со кои преку зголемување на приходите од Данокот на личен доход и од Данокот на додадена вредност, општините ќе добиваат повеќе финансиски средства.

Секако, Владата има и други механизми за финансирање на проекти. Преку централниот буџет во реализација на капиталните инвестиции во државата, со буџетот за 2022 година, планираме историско највисоко ниво на капитални расходи, кои изнесуваат 14% од вкупниот буџет, односно околу 615 милиони евра. Тоа е и во рамките на препораките на светските меѓународни финансиски организации и активностите кои сите Влади ги спроведуваат во овој пост-ковид период, односно со инвестиции во инфраструктура да ги подобриме и условите за водење на бизнис и за подобар живот на граѓаните.

Целта на ваквото финансирање е да се зголемат капацитетите на општините да реализираат уште повеќе проекти за потребите на граѓаните во нивните општини.

 

OhridNews