Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи гарантира дека цената на електричната енергија по 1 јануари нема да се зголеми за толку колку што тврдат некои од медиумите и порачува дека и тогаш ќе биде најниска во регионот.

Гарантирам дека во јануари цената нема да се покачи на ниво на кое одредени медиуми или, пак, поединци сакаат да го покажат за да креираат страв кај народот. Ние како што докажавме на 1 јули и на 1 јануари ќе докажеме дека  цената ќе биде се уште најниска во целиот регион и ќе обезбедиме доволно електрична енергија за да продолжи да тече нормалниот живот онака како што треба, изјави Битиќи по отворањето на „Иновацискиот и бизнис форум Пеперутка“.

Посочи дека Владата се обидува да наоѓа системски решенија за електричната енергија. Според Битиќи популистичка мерка како што е замрзнување на цената на електричната енергија и на парното греење не е одржлива, бидејќи замрзнатата цена после три месеци ќе мора да се пушти, особено ако има одлука за оперирање на либерализиран пазар, рече Битиќи.

Тој посочи дека будно се следат состојбите од  јуни 2021 година од кога почна движењата на енергетската берза.На прашањето дали се размислува за укинување на дневната тарифа за евтина струја за да се одржи цената на ниско ниво, вицепремиерот истакна дека одлуката за цената ја донесува Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). 

Кажавме дека се што е потребно како евентуална поддршка и помош кон ЕСМ или МЕПСО ќе го направиме, другото останува на РКЕ да одреди  и да даде предлог кој што е одржлив, бидејќи тие ги знаат движењата и трошењата на електрична енергија во одредени временски периоди. Може да кажат да има кратење на периодот на евтината тарифа зашто имаат преглед дали се троши електрична енергија во тој временски пик или не. Ние сме отворени да зборуваме за тоа но не на штета на граѓаните, потенцира Битиќи.

 

 

OhridNews