Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во рамки на работната посета на Охрид, денеска, во придружба на директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски и градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, оствари средби со менаџерите на неколку компании од градот со кои Владата има потпишано договори за државна помош.

После посетата на АСП-ПАК која минатата година со Владата потпиша договор за инвестициски циклус за пет години во вредност од над пет милиони евра, Битиќи истакна дека се работи за извонредна, квалитетна и успешна компанија, која во време на криза постигнува исклучителни резултати, за што говори фактот што таа е еден од двата најголеми производители на мрежни решенија во Европа.

Вицепремиерот за економски прашања најави дека дека државата ќе продолжи со поддршката на компаниите што планираат да го прошируваат производство, да се модернизираат и дигитализираат, да го зголемуваат асортиманот на производи, да отвораат нови работни места и да освојуваат нови пазари.

Мене ме радуваат повеќе информации во врска со оваа компанија. Тоа е бројот на вработени околу 300, креирани се солидно платени работни места. Според информациите од сопственикот, платата е околу 500 евра. Производството на компанијата околу 97 отсто е за извоз. Значи станува збор за целосно извозна компанија. Токму и вакви компании нас ни создаваат добро платени работни места кои се конкурентни на меѓународните пазари кои создаваат производи со повисока додадена вредност се двигатели на нашата економија и тие се оние кои ги задржуваат младите да останат да работат во нашата земја, рече Битиќи.

Зборувајќи за програмите за поддршка на приватниот сектор Битиќи истакна дека до крајот на годината мерките насочени кон поддршка на стопанството ќе бидат операционализирани.

Следната недела ќе биде објавен повикот од Развојната банка за 31 милион евра бескаматни кредити за стопанството. Веќе во јануари ќе биде достапна кредитната линија на ЕИБ од сто милиони евра со ниски камати до 1,6 отсто. Сето се тоа мерки што треба да им покаже на граѓаните и на стопанствениците, тие што го креираат развојот дека ние сме тука да ги поддржиме. Уште повеќе ќе поддржуваме решенија што се во склоп со светските текови, како четвртата индустријализација базирана врз дигитализација и нови технологии. Со Фондот за иновации и технолошки развој продолжуваме да креираме подобар екосистем за старт-ап компании, за претприемништво, иновации итн, рече меѓу другото вицепремиерот, охрабрувајќи ги стопанствениците да продолжат со развојни проекти, проширување на производните капацитети со одржливи решенија во производството. – најави Битиќи.

Вицепремиерот уште посочи дека што поголемиот број здрави извозни компании во земјата ќе придонесе за побрз развој и одржливост на домашната економија.

Петар Спасески, сопственикот на „АСП-ПАК“, изрази задоволство што со Законот за поддршка на домашните компании се изедначува статусот на домашните фирми со странските инвеститори, што значи изедначување на можностите за сите правни субјекти во земјата. Независно кризата наметната со епидемијата на коронавирусот, фирмата остварила подобри резултати споредбено со лани, со постојан раст во производството, зголемување на бројот коминтенти и освојување на пазарот. Покрај на европскито и на пазарот на Блискиот Исток направени се и први испораки на нивни производи и во САД и Канада.

Благодарение на договорот со Владата за поддршка на домашните компании ние се наоѓаме во фаза на реализација на проект на дигитализација на севкупното производство во фабриката. Тој проект ќе заврши за две години и на крај очекувањата се поголема ефикасност на производството за околу 30 проценти, намалување на шкартот или постигнување на повисоко ниво на квалитет на нашите производи, олеснување на работата за сите вработени во фирмата и на крај зголемување на платите или приближување до европските стандарди на нашите вработени, рече Спасески.

 

Компанијата „АСП ПАК“ постои 25 години и секоја година бележи раст во работата и остварените резултати. За скоро време таа ќе работи во нови погони.

По завршување тековниот проект, ние нема да застанеме со нашите инвестициони активности. Проектот за изградба на наша сопствена хала веќе се работи. Очекуваме идната година да поставиме камен-темелник и за две години да добиеме модерен производствен капацитет, пристоен за квалитетно работење и чувствување на сите наши вработени. – истакна Спасески.

Г.М.