Очигледно така сме навикнати во нашето општество, секогаш е последниот ден, дури и кога е за добра работа. Мислам дека го чекаат последниот ден, но утре наутро ќе ги видиме цените, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи одговарајќи дали е послушана одлуката на Владата за намалување на цената на млекото и млечните производи во продавниците која треба да се применува од 16 март.
Битиќи рече дека анализата на движењата на пазарот покажува дека со завршување на грејната сезона во Европа, и цените на берзата почнале да паѓаат речиси за сите прехранбени производи затоа што, рече, очигледно справувањето со економската криза и кризата со храна во цела Европа беше успешна операција и резултатите се веќе видливи.
Прашан дали ќе има намалување т.е. замрзнување на цените и на други прехранбени производи кои не спаѓаат во основни, како на пример зеленчукот и овошјето, тој порача дека и нашите трговци и производители ќе треба да ги следат тековите во светот.
Ако основните суровини паѓаат, не може цените да останат исти. Цените ќе треба да паѓаат. Како што ги презедовме мерките за основните прехранбени производи – леб, тестенини, млеко и млечни производи, навестивме низа други продукти, ќе ги следиме и другите производи, и ако трговците и производителите сами не реагираат – има јасна порака од Владата: граѓаните нема да ги оставиме сами и ќе донесеме одлука во интерес на граѓаните, истакна Битиќи одговарајќи на новинарски прашања пред трибината со млади „Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“.
Дали и какви санкции би имало за тие што нема да ги намалат цените, тој одговори дека замрзнувањето на цената е доволно како мерка и е и најтешка одлука за нив.
Во пазарна економија мора да има морал и етика. Ако тие тоа не го спроведат, тогаш Владата ќе ги спроведе мерките што треба да бидат преземени – замрзнување на цените, што е најтешката можна одлука за еден произведувач или трговец. Но, според сите пресметки, не сме нанеле штета со замрзнување на цените, рече вицепремиерот за економски прашања.
OhridNews