Поконкретни информации за новата цена на електричната енергија што треба да важи од 1 јули годинава ќе имаме во текот на наредната недела по завршувањето на тендерот на ЕВН хоум за набавка на електрична енергија. Досега сме имале многу потешки периоди и никогаш не сме дозволиле да има сериозна промена на цената на струјата и секогаш сме воделе сметка да го сочуваме стандардот на граѓаните и сега ќе се водиме исклучиво од нивните потреби, порача денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.
Нагласи дека поконкретни информации за цената ќе има во текот на наредната недела откако РКЕ ќе ги има на располагање сите потребни параметри. На цената, посочи, ќе влијае и профитната маржа, која од 1 јули ќе биде 9,9 наместо досегашните 11,5 проценти. Нова цена на струјата, како што кажа, се носи сега, а не во декември заради тоа што на стариот универзален снабдувач му истекува лиценцата на 30 јуни. Во текот на следната година, додаде, не би требало да носиме одлука за цена во јуни, туку само во декември која ќе важи за цела 2026 година.
РКЕ никогаш до сега не дозволи да има ценовни шокови, така и сега ќе ги искористиме сите механизми кои ни стојат на располагање за да нема ценовен шок. Треба да почекаме да заврши тендерот за набавка на електрична енергија на 21 јуни и ЕВН хоум да ги достави пресметките за цената на електричната енергија на контрола во РКЕ за да видиме колкава ќе биде цената. Правиме напори и анализи да бидеме прва земја во Европа која ќе има три часа евтина тарифа во текот на денот. Нема да ја воведеме од 1 јули, туку некаде во ноември, декември или јануари идната година. Тоа ќе зависи од анализите, изјави Бислимоски.
Владата, како што кажа, веќе донесе одлука со која цената на електричната енергија што ЕСМ ќе му ја понуди на универзалниот снабдувач по 1 јули е 60 евра за мегават час. Исто така, ЕСМ нема да понуди 100 проценти од потребите на малите потрошувачи и домаќинствата кои се на регулираниот пазар, туку само 85 проценти.
Оваа цена од 60 евра за мегават час на некој начин е изненадување и за мене, бидејќи во услови на криза нудеа пониска, но на некој начин може да ја изменаџираме. Мене ме загрижуваат 15-те проценти кои треба да ги набавува ЕВН хоум на слободниот пазар. На фјучерсите што ги гледаме во текот на денот цената се движи од 90 до 100 евра и е повисоко од тоа што го дава ЕСМ. Како и досега, и сега ќе ги искористиме сите механизми за да не предизвикаме ценовни шокови за граѓаните, истакна Бислимоски.
До 2019 година кога РКЕ ја одредуваше цената по која ЕСМ ја нудеше на регулираниот пазар, додаде, никогаш не беше повисока од 45 евра за мегават час и со таа цена им се обезбедуваа приходи од 15 милиони евра.
Порача дека цената на лебот не е поврзана со цената на електричната енергија на регулираниот пазар и додаде дека најголемите производители на леб во државата своите потреби за електрична енергија ги обезбедуваат на слободниот пазар. Тоа, како што кажа, се околу 95 отсто од компаниите кои произведуваат леб.
Во изминатиот период цените на електрична енергија на слободниот пазар се далеку пониски отколку што беа во 2023, 2022, и 2021 година. Затоа не држи било каква шпекулација дека промената на цената по која ќе ги снабдува универзалниот снабдувач малите потрошувачи ќе влијае на дополнително поскапување на лебот. Тоа е тотално неточно и претставува највулгарна шпекулација, рече Бислимоски.
Истакна дека во изминатиот период имаше денови кога цената на слободниот пазар на електрична енергија имаше негативна вредност или блиску до 0 и дека просечните цени се од 50 до 80 проценти пониски отколку во изминатите неколку години.
OhridNews