Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски денеска ги соопшти цените за пренос на електрична енергија и за дистрибуција на електрична енергија, како и цената на операторот на пазарот на електрична енергија.
Оној дел што е најбитен и кој се однесува на домаќинствата и на најголем број на малите потрошувачи, делот од мрежарина, вклучувајќи го и преносот и дистрибуцијата, имаме намалување за 7%. Во однос на другите просечни цени, цената на МЕПСО за пренос на електрична енергија се зголемува 5,68%, при што влијанието на крајната цена е 4%, цената за дистрибуција на електрична енергија се намалува 5,52%, влијанието на крајната цена изнесува 33% и цената на операторот на пазарот на електрична енергија се зголемува 19,8 %, каде што влијанието е екстремно мало и изнесува само 0,19 %, рече Бислимоски.
По носењето на овие одлуки, посочи, во текот на следните денови ЕВН Хоум, како универзален снабдувач, до РКЕ ќе ги достави на контрола цените за домаќинствата и малите потрошувачи.
Имајќи во предвид дека веќе ја знаеме и цената која што ја пријави и ЕСМ на тендерот на универзалниот снабдувач, а изнесува 62 евра за мегават час, не очекувам покачувањето на електричната енергија на просечната цена за домаќинствата да биде поголемо од еден процент, додаде Бислимоски.
Во моментов, посочи, домаќинствата ја плаќаат мрежарината по 2,3 денари, а од 1 јануари ќе изнесува 2,14 денари по киловат час потрошена електрична енергија.
Во врска со дневната евтина тарифа, Бислимоски истакна дека анализите покажале дека цената на електричната енергија на најголемата берза во регионот како и на нашата берза се најниски во периодот од 12 до 16 часот, а највисоки од 20 до 24 часот.
Имајќи предвид дека нашите домаќинства веќе имаат стекнати навики во однос на евтината тарифа, се одлучивме до пролет да ја оставиме ситуацијата таква каква што е, па потоа врз основа на состојбата во АД ЕСМ ќе носиме понатамошни одлуки. Инаку, во однос на дневната евтина тарифа, Македонија е единствена држава во регионот што има евтина тарифа во текот на денот, додаде Бислимоски.
Н.С.Ј.