„Можеш и ти“, книгата за познатиот стопанственик и успешен бизнисмен проф. Д- р Ванчо Чифлиганец, од авторот Венко Андоновски, од денес е дел од богатиот книжевен фонд на охридската библиотека.
По повод чествувањата на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, компанијата „ Адора Инженеринг“ и фондацијата Проф. Ванчо Чифлиганец, донираа неколку примероци од книгата, која претставува своевиден прирачник за деловниот успех за сите оние кои се на почетокот на својот професионален пат.
– Целта беше и ние како „ Адора Инженеринг“ да се вклучиме во одбележувањето на денот и овие книги да се достапни до сите читатели, особено за младите. Се смета дека ова биографско и интересно четиво е некој вид на деловен прирачник, пред се за оние кои се на почетокот од својата професионална кариера . Книгата се оценува како исцрпна биографија која што е полна со енергија и страсти на познатиот стопанственик Проф. Др. Ванчо Чифлиганец, во која се отсликува и период од минатиот и од почетокот на овој век, со доста историски факти, општествени и економски промени и случувања. Идејата беше да се прикаже пред јавноста дека човек кој има своја визија, свој сон и верува во себеси, упорен е и посветено работи може да го оствари својот сон, потенцира ПР менаџерот на „ Адора Инженеринг“, Нина Кепеска .
Од охридската библиотека потенцираат дека станува збор за вредна донација од страна на докажаниот стопанственик и голем пријател на Охрид.
– Читателите од денес ќе може да ја позајмуваат книгата и да им се восхитуваат на успесите на овој човек, воедно и да се поттикнат и тие да дојдат до саканиот успех, вели Тоде Илиевски од библиотеката „ Григор Прличев“.
Неколку примероци од книгата ќе бидат донирани и во Националната и Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ во Скопје, како и во библиотеките во Радовиш, Штип и Пробиштип.
Т. К.