Убиениот идеолог на радикалниот ислам Осама бин Ладен за време на војната во Босна и Херцеговина, најмалку два пати престојувал на Балканот, а двете документирани посети се случиле во 1994 година кога ги посетил Сараево и Тирана, пишува „Независни новини“ во денешниот број, пренесува„Макфакс“.

Посетата на бин Ладен и неговата средба со Алија Изетбеговиќ ја откри новинарка на германскиот магазин Шпигел, која пред канцеларијата на тогашниот прв човек на власта во Сараево го чекала за интервју и случајно налетала на бин Ладен.

Тој, во таа прилика, како што пишува весникот од Бања Лука, и дал и визит карта и и рекол дека има намера во Босна да доведе муслимански доброволци и и потврдил дека има пасош од Босна и Херцеговина.

За време на средбата меѓу бин Ладен и Алија Изетбеговиќ, наводно е направена и една фотографија.

Понатаму во текстот се наведува дека Амбасадата на БиХ во Виена му го издала пасош на бин Ладен во 1993 г., а скандалот околу овој документ изби по терористичкиот напад на Ал Каеда во Њујорк и Вашингтон, по што е уништена комплетната документација за овој скандал.

OhridNews
извор: „Макфакс“