Функционирањето на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид не е успешен само од образовна страна, туку е успешен и од економски и социјален аспект, благодарение на државата бидејќи сме државен Универзитет, вели ректорот Иван Бимбиловски во поглед на придобивките кои ги има Охрид од работењето на Универзитетот.
Како Универзитет сме еден од посериозните работодавци во Охрид, привлекуваме високо образована работна сила која се става во функција на развојот на студентите, но и развојот на Охрид. Обезбедуваме средства за живот на повеќе од 100-тина семејства. Овозможуваме студентите односно граѓаните на Охрид да останат тука, што беше и една од целите за формирање на Универзитетот, да се обезбеди рамномерен регионален развој. Условите во домашната средина се подобри од повеќе аспекти и трошоците на семејствата на студентите се помали во родниот град. Тоа е една дополнителна придобивка за Охрид, посочува Бимбиловски.
Посочува дека иако на Универзитетот има студенти од цел свет сепак најмногу се регрутираат од Охрид и Oхридскиот региoн.
Овие студенти по завршувањето голем дел од нив ја потпомагаат локалната индустрија. Имаме меморандуми за соработка и плодна соработка со многу од компаниите во регионот и се поканети да учествуваат во развој на следните студиски програми. Секоја следна студиска програма се прави во координација со локалните и фирмите кои се меѓународни со локално присуство во Охрид. Ги калибрираме нашите програми со самото тоа и обуката што ја овозможуваме за нашите студенти да одговара на потребите на пазарот на трудот. Уште една придобивка имаме и странски студенти, што значи привлекување на нови луѓе во Охрид кои преку нивниот живот тука ја помагаат локалната економија. Имаме и професори од странство, голема мобилност, наши студенти одат во странство да поминат еден семестар на странски универзитети и наши професори, исто така, но и странски професори и студенти доаѓаат во Охрид. Со самото нивно присуство во Охрид подолг период сметам дека ја потпомагаат локалната економија, додава Бимбиловски.
Инаку, Универзитетот од неодамна е акредитиран и за докторски студии по компјутерски науки и инженерство. Досега на Универзитетот дипломирале 1500 домашни и 240 странски студенти.
Н.С.Ј.