На 09.06.2024 во 23.45 часот во СВР Охрид е пријавено дека во Општата болница во Охрид со повреди од остар предмет било примено 30 годишно лице од село Слатино, општина Дебрца.
Според пријавеното, во близина на спортска обложувалница на улица „Гоце Делчев“ во Охрид бил нападнат од две лица, кои со остар предмет му нанеле убодни рани. Се преземаат мерки за расчистување на настанот, по што, против напаѓачите ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат од СВР Охрид.
Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против 44 годишно лице од Охрид.
Тој, на катарстарска парцела во охридското село Рамне, неовластено и без соодветна документација за градба, издадена од надлежен државен орган, започнал со градба на семејна куќа, велат од СВР Охрид.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против правно лице од Кочани и 55 годишно лице од Кочани, сопственик и управител на правното лице, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ во врска со „надрилекарство“.
Од 2020 година до поднесување на пријавата, второпријавениот со намера да се стекне со противправна имотна корист набавил резервоар за вода (идентичен со тие што се користат во автомобилите), клетка за електролиза и електро полнач, кои ги употребувал како бренер за загревање и за инхалација кај граѓаните, преку вдишување на оксиводородна смеса во гасовидна состојба, која се користела за индустриски цели, додаваат од СВР Охрид.
OhridNews