Вчера во 15.45 часот, во СВР Охрид  било пријавено дека, на локален пат во комплексот „Горица“ во Охрид, избувнал пожар во паркиран автомобил марка „Фиат Пунто“ со ресенски регистарски ознаки.

Притоа, било опожарено и соседното паркирано возило „Шкода Фабија“ со скопски регистарски ознаки. Интервенирала Територијалната противпожарна единица од Охрид, информира СВР Охрид.

Исто така вчера во 16.10 часот, во ОВР Струга било пријавено дека, на локален пат помеѓу струшките села Јабланица и Боровец, избувнал пожар во автомобил марка „Рено Клио“ со струшки регистарски ознаки, сопственост на жител на Лабуништа.

Интервенирала Територијалната противпожарна единица од Струга, информира СВР Охрид.

 

На 10.08.2024 година во 03.30 часот, на булеварот „Македонски Просветители“ во Охрид, приведен бил жител на Охрид кој претходно, го нарушил јавниот ред и мир и физички нападнал две лица од Охрид.

Против напаѓачот, ќе биде поднесена соодветна пријава, се вели во полицискиот билтен

Ноќеска во 02,30 часот, пред ноќен клуб лоциран на булеварот „Железничка“ во Охрид, приведени биле државјанин на Србија, како и тројца албански државјани.

Меѓу нив, настанала вербална расправија која со брза интервенција на полициските службеници, била спречена да прерасне во меѓусебна тепачка по што, истите биле агресивни кон полициските службеници. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесен соодветен поднесок, информира СВР Охрид.

Синоќа во 23.20 часот, полициски службеници од одделението за недозволена трговија со дрога при СВР Охрид, лишиле од слобода двајца охриѓани.

При претрес во нивниот дом во Охрид, извршен со судска наредба, пронајдени и одземени се 11 опаковки со бела прашкаста материја и поголема сума пари во разни апоени. По целосно документирање на настанот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, стои во полицискиот билтен.

Г.М.