На 15.04.2024 во 19.30 часот во Охрид, полициски службеници од СВР Охрид лишија од слобода 40 годишно лице од Охрид.

При извршен преглед, кај него е пронајдена и одземена бела прашкаста материја, додека при претрес во неговиот автомобил „Шкода“ биле пронајдени и одземени дигитална вага и метален грендер. Подоцна, со судска наредба, бил извршен претрес во неговиот дом, при што, пронајдени и одземени се предмети со остатоци од марихуана, од кафеава материја и од бела прашкаста материја и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело. Лицето беше задржано во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат од СВР Охрид.

Додаваат дека поднесена е и кривична пријава против 34 годишно лице од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“.

При контрола во сообраќајот, извршена на 02.04.2024 на булеварот „Туристичка“ во Охрид, полициските службеници го затекнале пријавениот, како со свое патничко возило „Форд“ со струшки регистарски ознаки врши јавен превоз на патници во внатрешниот сообраќај без да поседува лиценца за таа дејност издадена од надлежен државен орган, велат од СВР Охрид.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против четири лица на 79, 60, 58 и 49 години, сите од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“.

Тие, на катарстарска парцела во Охрид, спротивно од Законот за градење и без да поседуваат правосилно одобрение за градење издадено од надлежен Државен орган, изградиле станбен објект, додаваат од СВР Охрид.

OhridNews