Изнуда на пари, агресивно однесување во кругот на основно училиште, повреден работник, физичка пресметка се пријавени во СВР Охрид.

На 14.11.2024 во 00.30 часот, во спортска обложувалница на улица „Гоце Делчев“ во Охрид, лице од Охрид со закана кон вработениот побарал да му бидат дадени пари од касата, по што оштетил неколку апарати за игри на среќа. По целосно расветлување на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 14.11.2024 во 00.05 часот, полициски службеници од СВР Охрид привеле 29 годишно лице од Охрид, кој претходно во угостителски објект на улицата „Кленоец“ во Охрид го нарушил јавниот ред и мир со агресивно однесување кон вработените, а потоа и кон полициските службеници кои преземале службени дејствија. Против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 13.11.2024 околу 13.00 часот во СВР Охрид е пријавено дека во кругот на едно основно училиште во Охрид, лице агресивно се однесувало и упатувало закани кон група малолетници, ученици во истото училиште. По целосно расветлување на настанот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 13.11.2024 во 17.08 часот, на улица „Егејска“ во Охрид е нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу 67 и 35 годишни лица, двајцата од Охрид. По целосно документирање на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 13.11.2024 околу 12.00 часот во СВР Охрид е пријавено дека, при извршување градежни работи во атарот на селото Волино, општина Дебрца, со повреди се здобил 56 годишен работник од Охрид.  Тој, со возило на Итната медицинска помош бил пренесен во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид каде му биле констатирани тешки телесни повреди. За настанот бил известен Државен инспекторат за труд и безбедност при работа.

OhridNews