СВР Охрид до ОЈО Кичево поднесе кривична пријава против девет лица по член 235 став 3 од Кривичниот законик поради основано сомнение за сторено кривично дело „кражба”, а против две од овие лица е поднесена и кривична пријава по чл.382 „спречување службено лице во вршење на службено дејствие”. Сите девет лица се лишени од слобода и со кривичната пријава се предадени во ОЈО Кичево за понатамошна постапка.

Вчера (08.09.2024), во координирана акција на Одделот за криминалистичка полиција, СВР Охрид и Одделот за специјални полициски операции-Единица за брзо распоредување, на територија на општина Кичево во место викано „Кутуров дол“ затекнати се лица во незаконска сеча и дотур на дрва за огрев во шумски предел, и покрај активната забрана за движење во шума. Лицата биле без соодветни дозволи и документација за сеча, дотур и превоз на огревни дрва. Од лицата се одземени мобилните телефони и предмети за кои се претпоставува дека ги користеле за извршување на кривичното дело, како и товарно моторно возило „ман” и џип „опел фронтера”, двете со кичевски регистарски ознаки. Исто така, во месноста викана „Мала река’’ лишени од слобода се три лица и одземени се два трактора со приколки и едно возило „цитроен џампер“, како и моторна пила и повеќе канистри за бензин, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Вчера околу 09 часот, во ОВР Струга е пријавено дека во ограден плац каде имало барака, сопственост на лице од Струга, лоциран во „Струшкото поле“ во близина на селото Мислешево, избувнал пожар.

Повредени лица нема, а интервенирала Територијалната противпожарна единица од Струга.

Исто така вчера во 10.42 часот, во близина на куќа во струшкото село Горно Татеши, сопственост на 50-годишно лице од истото село, избувнал пожар. Притоа, изгорел дел од оградата, како и ниви во приватна сопственост, лоцирани околу локалниот пат во селото.

Повредени лица нема, а интервенирала Територијалната противпожарна единица од Струга, се наведува во билтенот на СВР Охрид.

Г.М.
Фото: Архива Охридњуз