Спортската сала „Билјанини извори“ наголемо се подготвува за претстојниот квалификациски натпревар помеѓу ракометните селекции на Македонија и Србија, како и за претстојното младинско Светско и сениорско Европско првенство за жени чиј домаќин наредната година е нашата земја.

„Во моментов се вршат корекции на  паркетот, што е еден макотрпен процес, се врши пребојадисување на оштетните делови, како и на вертикалните врати позади головите на кои забелешка имала ЕХФ (Европска ракометна федерација) која неодамна направи инспекција на салата „Билјанини извори“. Се вршат поправки и во соблекувалните, замена на искршен инвентар, нови грејни тела и слично – изјави директорот на ЈП Охридски Комуналец, Боро Павлоски.


Боро Павлоски

Во наредниот период ќе следи уредување на паркинг просторот и пристапниот пат до салата, најави Павловски, кој рече дека за предвидените зафати средствата ќе ги обезбеди локалната самоуправа. За натпреварот, но и за тренинзите на репрезентациите (Македонија во Охрид пристигнува во понеделник, Србија во вторник) салата ќе биде загреана, информираше Павлоски, кој рече дека за таа намена преку фирмата АМАК СП се обезбедени 4 тони нафта.


„Шминкање на убавицата“

Инаку ракометната репрезентација на Македонија мечот со Србија ќе го одигра на 17-ти јануари во 18 часот, токму во салата „Билјанини извори“. Во продажба се пуштени 2500 билети.

Г. Момироски
С. Костоски