Одделот за организиран криминал при МВР до Основното јавно обвинителство Охрид поднесе кривична пријава против лицата С.Т. (64) од Охрид, стечаен управник на АД “Билјана“ –Охрид, и М.С. (61) од Охрид, претседател на пописната комисија и овластен проценител во стечајната постапка над АД “Билјана“ –Охрид, поради постоење основано сомнение дека сториле кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластувања – со што ги оштетиле доверителите на АД “Билјана“ –Охрид за вкупен износ од 45.972.451 денари (или за над 750.000 евра).

По отворањето на стечајната постапка во АД “Билјана“ –Охрид, опремата од винскиот погон на фирмата второпријавениот ја проценил на 7.099.740 денари, иако реалната цена била 23.000.000 денари. После ова првопријавениот ја продал опремата по две спроведени јавни наддавања за 50 проценти пониска вредност од проценетата, односно за 3.500.000 денари на фирмата ДОО “Еко инвест“ од Скопје. Притоа, првопријавениот како стечаен управник не превзел мерки за наплата на побарувањата што АД “Билјана“ –Охрид ги имала кон фирмата “Еко инвест“ во износ од 12.000.000 денари (на име на закупнина на опремата во винскиот подрум), туку извршил прекнижување во книговодствената евиденција и спротивно на одредби од Законот за стечај ја сторнирал фактурата кон “Еко инвест“, иако знаел дека таа фактура постои  бидејќи тоа го констатирал во извештајот до Основниот суд Охрид за испитување на економско-финансиските состојби за причините за отварање стечајна постапка.

Пријавените истата постапка ја повториле и со фирмата “Словин тем-хем“-Охрид која на второ јавно наддавање за 1.247.549 денари купила дел од опрема на АД “Билјана“ –Охрид, иако опремата реално вредела 4.000.000 денари.

Покрај ова, првопријавениот спротивно на Законот за стечај не ја прибавил документацијата – договорите за купопродажба со повеќе физички лица од месноста Долна Белица и Враниште, струшко, не изврпил упис во јавните книги за стекнување на право на недвижност на 19.096 квадратни метри површини со лозови насади чија вредност е проценета на околу 7 евра по квадратен метар со што оштетил останати доверители на АД “Билјана“ –Охрид за околу 8.200.000 денари. Наместо тоа предложил таа недвижност да се отстапи на Министерството за финасии како најголем доверител иако знаел дека преносот е неизводлив бидејќи земјиштето било во сопственост на физички лица. Двајцата осомничени заедно со целокупниот доказен материјал синоќа се предадени на истражен судија при што им е изречена мерка притвор од по 30 дена.  

извор МВР