Германскиот канцелар Олаф Шолц ќе го посети Киев заедно со лидерите на Франција и Италија пред самитот на Г7 во јуни, јави синоќа германскиот високотиражен весник „Билд ам Зонтаг“.

Заедно со Шолц, во Киев треба да пристигнат и францускиот претседател Емануел Макрон и италијанскиот премиер Марио Драги, пишува весникот, повикувајќи се на извори од француската и украинската Влада.

Портпаролот на германската Влада одби да го коментира пишувањето на „Билд“ од саботата вечер, наведуваат британските медиуми, додавајќи дека Елисејската палата во Париз и италијанската Влада не одговориле веднаш на барањето за коментар.

Од почетокот на руската агресија на 24 февруари, голем број лидери отпатуваа во Киев за да покажат солидарност со Украина.

Шолц, меѓутоа, кажа дека ќе отпатува за Киев само доколку таквата посета има одредена цел.

Украина се надева дека ќе добие статус на кандидат за ЕУ ​​на самитот на Унијата на 23-ти и 24-ти јуни, непосредно пред самитот на Г7 што ќе се одржи во замокот Елмау на Баварските Алпи од 26-ти до 28-ми јуни.

Во 2022 година, Германија ќе претседава со Г7, групата индустриски најразвиени земји во светот.

Ниту еден од тројцата европски лидери не го посетил Киев од почетокот на руската инвазија.

Од самиот почеток на војната францускиот претседател се обидува да одржи дијалог со рускиот претседател Владимир Путин, но неговиот став беше критикуван од источноевропските и балтичките партнери, кои велат дека тоа ги намалува напорите да се принуди Путин на мировни преговори.

OhridNews