Билатералниот Секретаријат за заштита на Охридското Езеро е задоволен од исходот на разговорите помеѓу министрите за животна средина на Македонија и Албанија, што вчера се водеа во Охрид. Изразено е задоволството за конкретизирање на заложбите токму на Секретаријатот и превземањето на конкретни активности на двете држави поврзани со решавање на најклучните проблеми во заштитата на Охридското езеро, вели Дејан Пановски – секретар на Билатералниот Секретаријат. „Успеавме да дојдеме до мигот кога албанската страна и официјално идната недела ќе поднесе апликација за ставање на својот дел од езерото под заштита на УНЕСКО“, изјави Пановски. Тој вели дека сега двете држави се обврзале да формираат правни работни групи за да се премине кон ревидирање на застарените меѓудржавни договори и нивно усогласување со новите потреби за заштитата на езерото. Исто така успеавме да ја добиеме поддршката на двете земји за влегување во подготвителна фаза за заштита на целокупниот Дримски басен, додава Пановски.

Тој смета дека сомневањата во капацитетите на Билатералниот Секретаријат биле неоправдани, и дека многумина можеби не го разбрале или мислеле дека ова тело е само уште една од многуте формации. „Секретаријатот за заштита на Охридското Езеро е под капата на двете држави и иако во него воопшто не се слеваат средства како што некои намерно креираат испревртена слика , ентузијазмот и желбата да се направи нешто за својот град , природа , регион е поголема од било што и затоа резултатите еве полека но сигурно излегуваат“, рече Пановски.

Секретарот на Билатералниот Секретаријат најави дека следна заложба ќе биде  заедничкото управување со рибниот фонд. Исто така ќе бидат отворени и прашањата за регионално туристичко поврзување врз еколошки принципи, урбаната политика во регионот и адаптирањето на климатските промени, најави Пановски.

Ohridnews