Бијонсе, Џенифер Лопез и групата “Florence&The Machine” ќе настапат заедно на концерт кој ќе биде организиран следниот месец во Лондон во корист на проектот за унапредување на здравјето и образованието на жените ширум светот. Концертот под наслов “Sound of Change Live” ќе се одржи на 1 јуни, а организаторите, кои се спонзорирани од модната куќа Гучи, се надеваат дека ќе соберат доволно средства за финансирање на 120 проекти во корист на девојките и жените во повеќе од 70 земји.

Оние кои ќе купат влезници за настанот ќе можат самите да одлучат кој хуманитарен проект ќе го поддржат. Бијонсе, која моментално се наоѓа на својата европска турнеја, ќе има настап од 45 минути. Меѓу уметниците кои ќе и се придружат на сцената се Џенифер Лопез, Џон Леџенд, британската поп сезнација Ели Гулдинг и раперот Тимбеленд. Во улога на водители на оваа манифестација се најавени актерите Џејмс Франко, Блејк Лајвли и Џеда Пикет Смит.