Славниот музички пар ќе мора да ја напушти вилата во Лос Анџелес која ја изнајмуваа, бидејќи сопственикот ја продал. Порталите пишуваат дека куќата е продадена за 35,5 милиони долари и дека Бијонсе и Џеј Зи мораат да се иселат во рок од два месеци. Господин и госпоѓа Картер одлучија да го изнајмат овој дом бидејќи не можеле да пронајдат куќа во Лос Анџелес која целосно одговара на сите нивни потреби. Месечно за наем плаќаат по 150 илјади долари. Нив исто така им е понудено да купат куќа, но тие ја одбиле понудата.
Сепак, тешко дека ќе најдат дом кој ќе успее да го надмине овој. Вилата се простира на 1500 квадратни метри и има седум спални соби, девет тоалети и дневна соба која се простира на дури два ката. Има и кино сала, теретана, соба за масажа, вински подрум и лифт. Ги окружува повеќе од 4000 метри квадратни имот, со огромен базен и тениски терен. Куќата се наоѓа на потегот помеѓу Беверли Хилс и Бел Ер, а во соседството се наоѓа Плејбој вилата на Хју Хефнер, како и куќите на Џек Николсон, Ворен Бити, Кирк Даглас и Џејмс Кан. Инаку, таблоидите вчера пренесоа вест дека Бијонсе и Џеј Зи се разведуваат и дека раперот ја изневерувал сопругата.