Во време на економска криза  Општина Охрид неморално троши пари за набавка на луксузно возило, обвини портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Бичиклиски, на прес конференција што денеска се одржа во Скопје

– Со заклучок на Советот на Општина Охрид, донесена на крајот од месец јули оваа година, а на предлог на градоначалникот Александар Петрески се предвидува нова ставка во буџетот на општината, за набавка на возила од дури 7.100.000 денари. Според образложението на градоначалникот Петрески подржан од советничката група на СДСМ, половина од овие средства се предвидуваат за набавка на 2 мали комби возила, и 3 скутери.Со остатокот, повеќе од половина од средствата, според образложението на градоначалникот на Општина Охрид Александар Петрески, кажано на таа седница се предвидува набавка на само едно возило за потребите на општината. Според проценките со остатокот од средствата, од околу 50.000 евра со ваквиот ребаланс се предвидени да се набави луксузно возило, рече Бичиклиски.

Според него, во услови на Светска економска криза и во ситуација кога состојбите со буџетот на општина Охрид говорат дека до сега, во делот на приходи на општината се влеале само 30% од планираните средства за оваа година, трошењето на граѓански пари за купување на луксузни автомобили е неморално. Тоа е показател за недомаќинско работење на градоначалникот на СДСМ Александар Петрески. Општината Охрид е една од најзадолжените општини, додаде Бичиклиски.

-Општината Охрид троши средства за луксузни набавки на возило за потребите на градоначалникот на СДСМ, Петрески во услови кога општината Охрид поради лошото финансиско работење и големите долгови се уште не е влезена во втората фаза на фискалната децентрализација, истакна Бичиклиски и запраша:

Дали ова е начинот на работа со кој “експертите” на СДСМ ја заштитуваат Република Македонија од штетните последици од светската економска криза?

Каде планира градоначалникот Петрески ќе го вози автомобилот вреден од околу 50 000 евра?

Дали овие средства ќе заминат во одреден процент на контото на СДСМ?

И дали ова луксузно возило е уште еден од транзиционите споменици на Бранко Црвенковски?

Не не зачудува ваквиот начин на делување на “експертите” од СДСМ, но зачудува леснотијата со која се практикува ваквото недомаќинско работење кое е штетно и за граѓаните, и за нашата држава. Жалиме што СДСМ не се менува, рече Бичиклиски.

Ohridnews