Во рамки на соработката помеѓу НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид и ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ , беше организирано едукативно предавање „Битово – социјални драми со мотиви од печалбарскиот живот“ за заинтересираните средношколци од училиштето.

Предавањето  го подготови и  одржа библиотекарот Бети Лазеска – Симоноска, а беше наменето за дел од учениците од III-1 и III-2 клас под менторство на професорката Ирена Ралева- Најдевска.

Со предавањето беа опфатени познатите македонски автори Антон Панов и Ристо Крле кои имаат посебно историско и национално значење како личности заслужни за развојот и континуитетот на македонската литература и македонскиот театар на чии сцени биле и се поставувани овие битови драми, велат од НУ Библиотека Григор Прличев. 

Акцентот во текот на предавањето беше ставен на печалбарството како мотив, односно на односот на ликовите спрема печалбарството.

На пример,  конкретно, во ,,Печалбари’’ од Антон Панов, Костадин  е лик кој е претставник на новите сфаќања и е против печалбарството, а од друга страна пак, Ангеле како лик во ,, Парите се отепувачка” од Ристо Крле, ја прифаќа печалбата како нужност за понатамошно опстојување на семејството, појаснуваат од Библиотеката. 

Од страна на  библиотекарот Христина Трпеска пак, учениците беа запознаено  со начинот на работа во Установата. Им беше презентиран начинот на одржување и збогатување на библиотечниот фонд, а учениците во придружба на библиотекарот Владимир Куциноски направија и разглед на двете крила на библиотеката.

 

OhridNews