НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид за оваа 2025 година конкурираше со 25 проекти, а ќе добие близу 1 160 000 денари за реализација на 17 проекти во кои Министерството за култура и туризам го препозна националниот интерес.
Во годишната програма за работа на Библиотека и годинава доминираат 15 проекти од библиотечната дејност.
Радува фактот што Комисиите и министерот за култура Зоран Љутков препозна позитивен исчекор но и континуитет во дел од нив, вели директорката на установата Христина Трпеска.
Првиот проект манифестацијата „Прличеви беседи“ веќе успешно го реализиравме. Следуваат „Третата годишна средба на роднокрајните писатели“, „Читаме гласно и раскажуваме“, „Книгата најдобриот другар на децата“, „Книгата поблиску до старите лица“ кој успешно се реализира во соработка со Црвен крст – Охрид и натпреварот „Млади библиотекари“. Ќе има средства и за работата на книговезницата, заштита на движното културно наследство и за обработка и зајмување на библиотечен материјал.
Посебна Комисија во библиотеката, посочува Трпеска, веќе работи на избор на нови наслови со што ќе се збогати книжниот фонд во детското и одделението за возрасни.
За оваа намена годинава ќе бидат издвоени 450 000 денари, за 100 000 денари повеќе од лани. Ќе продолжиме со заштитата на стари и ретки книги по пат на конзервација и реставрација, а ќе има пари и за континуирани обуки на вработените и за набавка на два компјутери и печатач. За прв пат годинава во соработка со Лајонс клубот Деница ќе организираме трибини под наслов: „За поубав свет“ и „Хортикултурни библиотеки“. Во овој проект планирана е средба и работилница на претставници од библиотеки од регионот, сврзана со 5 јуни Светскиот ден на животната средина, вели Трпеска.
Во издавачко – литературната дејност Министерството за култура на Библиотеката и одобри еден проект. Второто издание на фестивалот на поезијата „Слушни го езерото“ планиран за 21 јуни – Денот на Езерото, а во соработка со библиотеките од Струга и Поградец.
Во делот на инвестициите годинава библиотеката доби средства за изработка на основен проект за реконструкција на покривот.
Надвор од годишната програма финансирана од страна на Министерството за култура и туризам од библиотеката најавуваат и низа други настани плод на креативноста на вработените а финансиски делумно покриени од сопствени средства, Општина Охрид и други спонзори и донатори.
OhridNews