Заканата од уништување на Охридското Езеро со претерана урбанизација се најде на страниците на јулското издание на едно од најчитаните печатени списанија за див свет – BBC Wildlife Magazine.

Охридското Езеро е најстарото природно езеро во Европа и едно од најстарите природни езера во светот. Најголемата просечна длабочина му изнесува 155 м, поради што е најдлабоко во Европа и 14то најдлабоко езеро во светот. Со над 200 ендемични видови кои живеат во неговите води, Охридското Езеро е најважниот езерски екосистем на европскиот континент.

„Балканскиот Галапагос е под закана. Дом на уникатни видови риби и полжави, Охридското Езеро може да пресуши доколку се гради во неговото Блато.“ – објави Би-Би-Си.

Граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ“ во јуни годинава испрати отворено писмо до градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески со Барање за мораториум на спроведувањето на активностите/проектите во Студенчипко блато превидени со измените на ГУП-от за град Охрид.

Студенчишкото Блато е ризница на уникатна фауна, како и место за мрестење и гнездење на многу видови жив свет кои го чинат уникатниот екосистем на Охридското Езеро. Со новиот ГУП за Охрид 2014-2024 се планира Блатото да се исуши за да се изградат луксузни апартмани, хотел и марина. Со намалувањето/преземањето на површината на Блатото ќе се промени квантитетот и квалитетот на подземните и површинските води, како и неговата основна функција (природен прочистувач на Охридското Езеро) што воедно е најсериозна закана по биолошката разновидност на Блатото како и на самото Езеро, велат од  „Охрид ЅОЅ“.

Оттаму додаваат дека до денес не добиле одговор на барањето испратено до локалната самоуправа. 

OhridNews