Речиси 100 припадници на специјалните единици на земјите на НАТО се присутни на територијата на Украина на почетокот на оваа година, се наведува во еден од десетиците доверливи американски документи кои протекоа на Интернет.

Објавените разузнавачки документи, од кои некои се означени како „строго доверливо“, даваат детална слика за конфликтот во Украина, вклучувајќи чувствителни детали за подготовките на Украина за пролетна контраофанзива.

Според документот од 23 март, Британија има најголем контингент специјални сили во Украина (50), а потоа следат Летонија (17), Франција (15), САД (14) и Холандија (1), јавува Би-Би-Си.

Според британскиот јавен сервис, не е прецизирано каде се стационирани и какви задачи извршуваат.

Во согласност со својата стандардна политика за такви прашања, британското Министерство за одбрана не ги коментираше oвие извештаи.

Во вчерашно соопштение, сепак, се наведува дека протекувањето на наводни доверливи информации го покажува, тоа што е наречено, „високо ниво на неточност“ и нагласи дека потенцијалните корисници треба да бидат внимателни во прифаќањето на тврдењата „кои имаат потенцијал да шират дезинформации“.

Британските специјални сили се составени од неколку елитни воени единици со различни области на стручност и се сметаат за едни од најспособните во светот.

Британската влада има политика да не ги коментира своите специјални сили, за разлика од другите земји, вклучително и САД, наведува Би-Би-Си.

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин вчера соопшти дека САД ќе го истражат неодамнешното наводно протекување на доверливи документи и ќе го „превртат секој камен“ додека не се утврди неговиот извор и обем.

OhridNews