Во прекрасниот амбиент на ресторанот „Виа Игнација“, во живописното Вевчани, вечерва свечено е отворена 11-та Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“.

Годинава учество ќе земат 20 афирмирани сликари од земјава и странство, кои ни доаѓаат од разни страни на светот: Грција, Бугарија, Србија, БиХ, Црна Гора, Полска и Чешка. Делата кои ќе се создадат тука ќе бидат претставени на изложби во земјава и во Белград, Република Србија во декември, а ќе биде издаден и традиционалниот каталог во кој се поместени фотографии од делата кои ќе се насликаат тука со импресии на уметниците. – истакна Ефимија Угриноска Кукоска од Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“.

Славица Секулоски уметничка од Белград која живее во Холандија, за прв пат учествува на колонијата, но добро го познава Вевчани.

Доаѓам години во Македонија со години, ме влече југот, топлината на народот тука. Прв пат сум на колонијата „Вевчански видувања“, а Вевчани го знм уште како мала. Имам инспирација да сликам тука, затоа што е многу убаво, се’ ме инспирација. –  вели Славица Секулоски.

Петар Попчев, најстариот учесник на Колонијата во Вевчани, со пиетет зборува за настанот и местото каде тој се одржува, посочувајќи ги вредностите на Вевчани и вевчанци.

Вевчани ужасно многу ми фалеше изминатите две години за време на пандемијата, единствените години од почнувањето на колонијата кога не сум бил тука. Ова место изобилува со прекрасна природа, но Вевчани го прават луѓето, кои се многу храбри, горди и со нив можеш да бидеш на чисто на што си. Инспирација има тука на претек, а јас решив оваа година да ги сликам пауните. Паунот е единствено животно меѓу машкиот род кое е толку убаво. Секоја година бирам нова тема, за да бидам различен, затоа самиот си поставувам нов предизвик. – рече познатиот македонски уметник Попчев.

Прв пат годинава во рамки на колонијата, како што соопшти организаторот, ќе се одржи и Летна ликовна школа за деца, на која 40-тина дечиња, под раководство на професорката Лара Ташковска ќе имаат несекојдневна можност да се запознаат со тајните на сликарската уметност. Нивните дела подоцна летово ќе бидат изложени во Културниот центар „Јоста Србакоски“ во Вевчани.

Утре некои од овие млади деца ќе не заменат нас, а можеби ние од нив нешто ќе научиме, уметноста е волшебна. – додаде Попчев.

На свеченото отворање на 11-тото издани на „Вевчански видувања“, на академскиот сликар Доне Миљановски  му беше врачено признанието „Плакета порта“, а вечерта се заокружува со целовечерен музички настап на Лепа Брена.

Првото издание на Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ се одржа во 2010 година. До сега на неа учествувале над 150 еминентни ликовни уметници од државата и од странство.

Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“ ќе трае до 10 јули.

OhridNews