Мешовитиот комитет на ЕУ, заедно со Норвешка, Исланд, Лихтенштајн и Швајцарија, денеска под лупа ќе го стави предлогот за измена на правилата за слободен визен режим со земјите од Западниот Балкан, јави Дојче Веле.

Членовите на Мешовитиот комитет во Луксембург на располагање ќе имаат четири часа да ги слушнат мерките кои ги предлага Европската комисија за контрола на безвизниот режим со земјите од Западниот Балкан. 

Според дипломатски извор на Дојче Веле, спектакуларни одлуки не треба да се очекуваат. Комисијата ќе го претстави извештајот за ситуацијата со барателите на азил од последниве месеци.

Во него ќе се најдат и мерките кои ги преземаат матичните држави на барателите на азил, меѓу кои е и Македонија, а ќе бидат претставени и финансиските трошоци кои за згрижување на барателите на азил ги имале државите на ЕУ.

Предвидено е да се дискутира и за механизмите за контрола од кои ќе зависи во кои ситуации ќе може слободниот визен режим да се суспендира.

Одлуките на Комисијата околу можното суспендирање на безвизниот режим, без сомнение со отворени очи се следат од Македонија, зашто пред се би ги погодило оние кои би го загубиле правото на слободно патување.

OhridNews
извор: Makfaks